40 ГОДИНИ „МАКЕДОНСКИ ПРОСВЕТНО - УЧИЛИШЕН ОДБОР“ ВО НЈВ

Прашањето „Кои сме?“, доаѓа во полн израз во транскултурниот контакт, кој е неминовен ако се живее во мултиетничка и мултикултурна средина, како Австралија. Културниот идентитет е важен од повеќе причини, но, само во транскултурниот допир станува примарен аспектот на културната изолација или културната присутност, кој може да доведе до многу проблеми или до извесни позитивни случувања кај луѓето. А најважниот начин да се задржат корените, т.е. да се негува идентитетот, е да се зачува мајчиниот јазик, традицијата, контактот со стариот крај, да се негуваат македонскиот фолклор и македонската песна.

Македонскиот јазик во НЈВ се изучува повеќе од 50 години. Но, организирано, раководено и образовно издржано, значи со Наставни планови и програми и признаено од Министерството за образование на НЈВ, наставата по македонски јазик се изведува 40 години. Иако Македонското етничко училиште „11 Октомври“ во Јагуна беше отворено како пилот училиште, пред 41 година, во далечната 1978 година се регистрира Македонскиот просветно училишен одбор, кој како чадор организација се зафати со племенита дејност- промовирање и изучување на македонскиот јазик во НЈВ. Оттогаш до денес, преку 50 000 ученици имаат поминато низ македонските етнички
училишта, како и низ редовните државни училишта каде што во редовната настава се изучува македонскиот јазик.

Денеска наставата по македонски јазик се изведува во десет македонски етнички училишта во НЈВ, како и во четири државни основни училишта и три средни училишта. Наставата е интерактивна, а децата покрај македонскиот јазик ја изучуваат македонската култура, традиција, фолкор, учат како да си ги сакаат корените. На часовите се користат модерни електронски помагала, електронски табли, ајпеди и лептоп компјутери. Учителите имаат најсовремена методска подготовка и обука за да ја изведуваат наставата на модерен начин. Тие секоја година посетуваат семинари и курсеви, на кои се здобиваат со вештини и знаења, со најновата методологија за предавање мајчин јазик, како и со познавањето какви наставни средства и помагала да употребуваат, сѐ со цел да ја направат наставата по македонски јазик поинтересна за учениците. Родителите, организирани во Одбори доброволно раководат со етничките училишта. Македонските училишта се отворени за сите деца со македонско потекло. За да го зачуваме нашиот идентитет, очекуваме и ВИЕ да ги запишете вашите деца и вашите внуци! Заедно сме посилни!