Чествување за македонскиот јазик во НЈВ

Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ, во прекрасниот амбиент во Emporium Reception во Bankstown во присуство на многу гости , родители и наставници ја одржа добротворната забава, со цел да се соберат средства за да се подобри и модернизира наставата по македонски јазик. Вечерта се прослави и матурската вечер на која им беа врачени дипломите на 27 матуранти за успешно завршено изучување на македонскиот јазик во средното училиште.
Покрај, студентите и родителите на забавата присуствуваа и: претседателот на Федерацијата за јазици на НЈВ, Г-от Алберт Вела, претседателката на Учителската асоцијација од Викторија, Г-та Љубица Талеска, координаторката за јазици при Средношколскиот училишен центар за јазици Когра, Г-та Анѓела Лирис, како и претседателката на МПУО
за НЈВ Г-та Жаклина Михајлова.

Во своето обраќање до присутните, госпоѓа Михајлова истакна дека „ Културата на еден народ се одржува преку јазикот и тој е единственото нешто преку кое можеме да ги пренесеме и задржиме нашата историја и нашиот идентитет овде во Австралија. Вие, почитувани матуранти, носите две култури и тоа е големо богатство, вие имате големи вредности и притоа им помагате на луѓето околу вас овде во Австралија да дознаат која е Македонија. А, Македонија е лулка на културата. Ние, Македонците сме домородци на светот и имаме света крв. Затоа примарно е да си ги зачуваме корените и јазикот, наш македонски“, истакна Михајлова.

Вечерта големо изненадување предизвика доделувањето на наградата која ја доделува Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ – Авионска карта за Македонија, овојпат за најсреќниот матурант кој најмалку 5 години го изучува македонскиот јазик во средното образование. Среќата ѝ се насмевна на Цветанка Марковска, која ќе патува за Македонија бесплатно. Новата генерација македонски матуранти со гордост ги истакнаа Дипломите, искажаа искрена благодарност кон своите учители и изјавија дека ова е почеток на нивните нови походи кон повисоките образовни институции ширум Австралија.

Во забавниот дел на вечерта настапија членовите на МКУД „Илинден“ од Сиднеј. Тие со својот беспрекорен настап и со уметничката кореографија на традиционални ора и песни ја воодушевија публиката.

Благодарност беше упатена до сите учители кои неуморно работеа и придонесоа оваа вечер да биде успешна.

Вечерта свиреа членовите на “Група без име“ кои забавата ја направија незаборавна и весела. Водители на вечерта беа учениците од 11 година Емили Касовска и Филип Менчевски.